Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, традиционално на крајот од годината, оствари средба со поранешните началници на ГШ и пензионирани генерали, на која присуствуваа и министерката за одбрана Радмила Шекеринска и заменикот на началникот на ГШ на Армијата генерал-мајор Азим Нуредин.
Присутните пензионирани генерали беа информирани за степенот на реформските процеси во Армијата, трансформацијата, предвидените законски измени во одбраната, тековните и планирани активности во Републиката и во мировните мисии, како и за плановите и предизвиците во наредната година.
Притоа во меѓусебната дискусија беше истакната благодарност до поранешните началници на генералштабот и генералите, за нивниот досегашен ангажман и придонес во Армијата, за постигнатото ниво на подготвеност за претстојното полноправно членство во НАТО.
Предновогодишната средба е од традиционален карактер, на која поранешните началници и пензионираните генерали имајќи го предвид нивното искуство во служба во Армијата, даваат свој придонес со нивните ставови и предлози за актуелни прашања во одбраната, а со тоа и за понатамошниот развој на Армијата.