Претседавачот на воениот комитет на НАТО, воздухопловен маршал, Стјуарт Пич, за време на неговата прва официјална посета на Република Северна Македонија, на покана од началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, денес престојуваше во Генералштабот на Армијата.
По интонирањето на химните на НАТО и Република Северна Македонија и пречекот со високи воени почести од страна на началникот на Генералштабот, Претседавачот на воениот комитет на НАТО, оствари средба со својот домаќин.
За време на средбата помеѓу генералот Ѓурчиновски и маршал Стјуарт Пич се разговараше за тековните процеси кои се превземаат во Армијата во пресрет на скорешното полноправно членство во НАТО Алијансата, поддршката од највисокото воено советодавно тело на НАТО, како и за претстојната конференција на Воениот комитет која ќе се одржи следната недела во Брисел.
На состанокот кој следуваше, од страна на високите воени раководители во Генералштабот пред Стјуарт Пич и делегацијата се презентираа плановите за развојот на способностите, планираните заеднички активности во меѓународните вежби на НАТО, учеството во мировните мисии, како и со тековниот процес на трансформација на командите и единиците на Армијата.
Од страна на Стјуарт Пич, се искажаа пофални зборови за досегашниот вложен труд и успешниот процес на трансформација од страна на Армијата во интегративниот процес за нашето претстојно полноправно членство во НАТО. Воедно истакна дека претстојната фаза на потполна интеграција се очекува да биде полесно остварлива со оглед на нашето досегашно искуство, како и дека можеме да очекуваме целосна поддршка од НАТО командните структури на сите нивоа.
Генералот Ѓурчиновски истакна дека Генералштабот и сите команди и единици во претходната година успешно се справија со сите предизвици во однос на исполнување на сите приоритети во однос на нашата потполна интеграција во НАТО.
За време на посетата маршал, Стјуарт Пич оствари средба и со министерката за одбрана Радмила Шекеринска, ја посети и Канцеларијата за врски на НАТО, каде што оствари средба со полковник Јанкович, а во тек на утрешниот ден ќе има прием кај Претседателот на Република Северна Македонија и Врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски.