Висока Воена делегација на Косовските безбедносни сили (КБС), предводена од командантот на КБС, генерал-потполковник Рахман Рама, во рамки на планираната еднодневна посета на Република Северна Македонија, денес престојуваше во Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата.
По приемот со високи воени почести, генералот Рама оствари средби со министерката за одбрана Радмила Шекеринска и со неговиот домаќин, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.
Генералите Ѓурчиновски и Рама разговараа за унапредување на билатералната соработка во области кои се од взаемен интерес, пред се за зајакнување на регионалната безбедносна состојба и можните заеднички предизвици со мигрантската криза.
Досегашната соработка со КБС се одвива во полето на воената едукација и обука преку учество на припадниците од КБС: на вежбовни активности на летниот камп на АП „Криволак“, курсеви во Регионалниот тренинг центар за односи со јавност и Воено-медицинскиот центар.
За време на посетата генералот Рама ќе оствари средба и со Претседателот на Република Северна Македонија и Врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски, а делегацијата ќе ја посети и Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ и ќе оствари средба со питомците од КБС кои во моментов се на школување на Академијата.