Припадници на Армијата на Република Северна Македонија со забележителен одзив се вклучија во последователната тридневна крводарителска акција, организирана врз основа на искажаната потреба од Институтот за трансфузиона медицина.
Акцијата се спроведе во период од 18 до 20 ноември во касарните „Илинден“ во гарнизонот Скопје и „Алекса Дамниевски Бауман“ во Велес, при што од страна на припадниците на командите и единиците на Армијата лоцирани во овие касарни се собраа вкупно 117 крвни единици, кои значително ќе помогнат во надополнување на неопходните крвни резерви на Институтот.
Крводарителската акција на која се почитуваа сите мерки и протоколи предвидени за заштита од вирусот „Ковид 19“, ја започнаа припадниците на Ренџерскиот баталјон, кои хуманиот гест го посветија на одбележување на денот на единицата, при што беа собрани 47 крвни единици.
Следниот ден во акцијата се вклучија и останатите единици на Армијата од состав на Логистичката база и Командата за операции, сместени во касарната „Илинден“. На оваа акција се собраа 46 крвни единици.
Третиот ден припадниците на Командата за обука и доктрини се вклучија во акцијата во гарнизонот Велес, за кои терминот веќе беше претходно планиран во рамки на редовните акции при што беа обезбедени 24 крвни единици.
Армијата во соработка со Црвениот Крст и Институтот за трансфузиона медицина традиционално организира и спроведува помеѓу 20 и 30 крводарителски акции во сите команди и единици како редовни акции, но и по итна укажана потреба.
На неколкудневната крводарителска акција на припадниците кои дарувале крв повеќе од 10 пати од страна на Црвениот крст им беа доделени благодарници, а крводарителите беа посетени и од министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска-Јанковска.
Припадниците на Армијата, покрај извршувањето на уставните обврски на бранење на државниот суверенитет, секогаш се вклучуваат во пружање на помош на граѓаните и на институциите на Република Северна Македонија, секогаш кога за тоа ќе се укаже потреба.