Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски денеска во Генералштабот оствари состанок со командантот на Здружената команда на НАТО во Неапол, адмирал Роберт Бурк, на кој се разговараше за учеството на Армијата на Република Северна Македонија во мировните операции и меѓународните вежби под раководство на НАТО.
Адмиралот Бурк, кој се наоѓа во официјална посета на Република Северна Македонија по повод одбележувањето на првата годишнина од членството на Република Северна Македонија во НАТО во текот на вчерашниот ден оствари средби и со претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Адмиралот Роберт Бурк во текот на денешниот ден, заедно со генералот Ѓурчиновски и највисокиот воен и политички врв ќе присуствува на централната свеченост во касарната „Илинден“ по повод одбележувањето на првата годишнина од членството на Република Северна Македонија во НАТО, на која припадниците на Армијата ќе прикажат дел од своите способности како и интероперабилноста со НАТО стандардите.