Во воената база на мисијата „КФОР“ во Косово, во Печ со воена церемонија се изврши примопредавање на должностите помеѓу првата и втората ротација на водовите за обезбедување од составот на Армијата на Република Северна Македонија упатени на мировна операција на „КФОР“ во состав на италијанскиот контингент.
За време на церемонијата од страна на Командата на Регионалната команда – запад им беа доделени медали за учество во мисијата (NATO BALKAN MEDAL) на припадниците од првата ротација на водот за обезбедување.
Во рамките на свеченоста се реализираше и активноста за примопредавање на знамето на Република Северна Македонија помеѓу командирите на водови со што симболично се прикажа пренесувањето на одговорност.
Најстариот национален претставник во мисијата, по пригодниот говор им додели значки за успешна соработка на командантот на Регионалната команда – запад полковник Франческо Мајорело, командантот на маневарскиот баталјон, потполковник Антонио Бернардо и на командирот на чета, капетан Џорџио Грендене.