Заменикот на командантот на силите на САД за Европа и Африка, генерал-мајор Џозеф Џерард, денес престојуваше во работна посета на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија и Министерството за одбрана.
За време на престојот, генералот Џерард оствари средба со заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин на која се разговараше за досегашната соработка и претстојните заеднички вежбовни активности со командата на САД за Европа и нашиот придонес во мировните операции. Од страна на генералите Нуредин и Џерард беше истакната одличната соработка пред се во вежбовните активности, организирани од оваа команда на САД.
Претходно во Министерството за одбрана, генералот Џерард оствари средба со државниот секретар Драган Николиќ.
Денешната посета продолжи во гарнизонот Штип каде генералот Џерард во придружба на командантот на Првата пешадиска бригада, полковник Сашко Лафчиски присуствуваше на тактичко показна вежба од припадниците на Армијата кои се подготвуваат за задачи во склоп на мисијата КФОР. Пред високиот гостин се презентираше и начинот на подготовка, обуката која ја изведуваат нашите припадници пред упатување во мисија како и задачите кои ги извршуваат за време на мисијата.
Како континуитет на одличната воена соработка, следната година Република Северна Македонија ќе биде домаќин на меѓународната вежба „Брз одговор 22“ во организација на командата на САД за Европа.