Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, кој се наоѓа во дводневна работна посета на Косово, денес во Приштина престојува во работна посета на Министерството и Командата на безбедносните сили на Косово.
По пречекот со воени почести, генералот Ѓурчиновски оствари средби со својот домаќин, командантот на Косовските безбедносни сили генерал-потполковник Рахман Рама и со министерот Арменд Мехај.
На средбите е разговарано за меѓусебната воена соработка помеѓу Армијата на Република Северна Македонија со Косовските безбедносни сили, особено во доменот на военото образование, обуката и вежбите.
Официјалната рамка за соработка на полето на одбраната со КБС е воспоставена со потпишување на Меморандумот за соработка од областа на одбраната во 2010 година, при што досега се остварени проекти од полето на обуката за медија-тренинг, користење на армискиот полигон ,,Криволак“, военомедицинска обука во Баталјонот за военомедицинска поддршка, како и школување на питомци од Косово на Воената академија ,,Михаило Апостолски“.