Во изминатите четири недели припадниците од 3.пешадиска чета (3.пч) од 2.пешадиски баталјон (2.пб) успешно реализираа обука согласно НАТО стандарди и процедури со мобилен обучувачки тим од Вооружените сили на Обединетото Кралство.
Во текот на реализацијата на обуката фокусот беше ставен на правилната примена на тактиките, техниките и процедурите на ниво поединец, тим и одделение при извршување на задачи од мировни операции. Успешно беа реализирани офанзивни и дефанзивни дејствија како и операции за стабилизација со што припадниците се стекнаа и извежбаа со нови постапки и процедури.
На завршетокот од обуката на АП Криволак присуствуваа и советникот за трансформација од ВС на Обединетото кралство во министерството за одбрана, бригаден генерал Џони Баурон, командантот на 1.пешадиска бригада, полковник Сашко Лафчиски и командантот на 2.пб, потполковник Стојанче Костов, при што од страна на командирот на четата се информираа за остварените постигнувања во текот на обуката.
По завршување на брифингот, припадник од мобилниот тренинг тим од ОК изврши кратка презентација на индивидуалната опрема што ја користат припадниците на британската армија како и на вреќите за спиење во разни временски услови, кои неодамна беа донирани од страна на ОК на декларираната единица.
Во знак на благодарност за досегашниот ангажман од страна на командантот на 1.пбр на припадниците од мобилниот тренинг тим им беа доделени „Сертификати за учество и придонес во обуката“.
ИН/ЈМ