Во касарната „Илинден“, со пригодна свеченост припадниците на Баталјонот на Воена полиција го одбележаа 29 Октомври, Денот на единицата.
Командантот на Командата за операции, бригаден генерал Бесник Емини во своето обраќање, покрај честитките до припадниците на бВП, го истакна придонесот на единицата во афирмацијата на Армијата и несебичниот придонес при ангажирањето во вонредната состојба за поддршка на цивилните структури во справување со пандемијата од вирусот COVID-19, за што лично им оддаде посебно признание.
Пред присутните се обрати командантот на бВП, потполковник Кире Николовски кој истакна дека извршувањето на големиот број на задачи поврзани со мисијата на единицата не дозволуваат импровизирање и селективност. Обезбедувањето на резиденцијалните објекти на Врховниот командант, објектите на МО и ГШ и странските воени делегации ни ја покажуваат сериозноста на задачите кои нашите претпоставени ни ги довериле. Нашата пожртвуваност, професионалност, подготвеност и знаење се препознаени од сите домашни и странски партнери, а за постигнатите резултати секојдневно добиваме голем број на пофалби и признанија.
На свеченоста беа прочитани пристигнатите честитки од командите и единиците на Армијата, како и наредбите за доделување на стимулативни мерки. Во рамките на одбележувањето на денот на единицата беа реализирани акција за доброволно дарување на крв, хуманитарна акција при што беа донирани прехранбени продукти во ОУ „Браќа Миландинови“ во Куманово и ОУРЦ „Д-р Златан Сремец“ во Скопје како и спортски натпревари во мал фудбал, пинг понг и стрелаштво.
На свеченоста покрај командантот на Командата за операции присуствуваа и припадници од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, поранешните команданти на бВП и командантите на останатите единици во Армијата.
Баталјонот на Воена полиција (бВП) е носител на традициите од 29 октомври 1878 година, денот кога во текот на Македонското – Кресненско востание е издадена писмена наредба за формирање на Воено-полициски начелства на ослободените територии на Македонија. Со указ на претседателот и врховен командант, овој ден е одреден како Ден на Воената полиција.
ЃТ/ЧС