Претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант на Вооружените сили, Стево Пендаровски придружуван од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, изврши обиколка на касарната „Јане Сандански“ во Штип, како дел од проектот „Лице в лице со претседателот“.
За време на обиколката, претседателот Пендаровски се запозна со дел од активностите кои ги изведуваат припадниците на Армијата на Република Северна Македонија од Вториот пешадиски баталјон од Првата пешадиска бригада.
Врховниот командант и началникот на Генералштабот присуствуваа на презентација на показна вежба: Tактики, техники и процедури на движење на пешадиско одделение во населено место, изведена од страна на припадниците од 3.пешадиски вод од 1.пешадиска чета, кој под команда на поручник Неда Волчева две години по ред беше прогласен за најдобра единица во баталјонот.
Пред врховниот командант беа презентирани и дел од опремата со која располага единицата, како и планираните активности поврзани со првичното оценување на декларираниот лесен пешадиски баталјон според НАТО стандардите „CREVAL“, кое претстои во текот на следната 2022 година.