Припадниците на командите и единиците на Армијата, традиционално и оваа година под мотото „Пријателство преку спорт“ на Воениот стадион во Градскиот парк, го одбележаа „18 февруари – Денот на Меѓународните воени спортови“.
На свеченото отворање, присуствуваа заменикот министер за одбрана, Башким Хасани и директорот на Генералштабот, генерал-мајор Зоран Милески. Заменикот министер во своето обраќање им посака успех на спортските екипи и им порача да покажат почит еден кон друг, толеранција, взаемно разбирање, прифаќање и фер игра во текот на сите натпревари.
На овогодинешната спортска манифестација која исто така се одбележа и во останатите гарнизони учесниците се натпреваруваа во дисциплините трчање, мал фудбал, пинг понг, одбојка, шах и кошарка.
На најдобрите екипи и поединци по завршувањето на натпреварите им беа доделени признанија, а исто така беа прогласени и победниците на спортските натпревари и доделени признанија за најдобри спортисти од Армијата за 2021 година. За најдобар армиски спортист, победник на сите атлетски армиски натпреварувања беше прогласен десетар Милош Ранчиќ. Вториот најдобар спортист во Армијата е европскиот првак во кајакарство, професионалниот војник Љубомир Спасиќ, а трет е професионалниот војник Антонио Димовски, кој е најдобар стрелец на регионалниот ЦИСМ футсал куп во Сараево, БиХ.
Армијата е полноправна членка на Меѓународниот совет за воени спортови од 2005 година, а припадниците на Армијата кои со своето учество на спортските настани континуирано се истакнуваат со забележителни резултати, покрај учество во натпреварите придонесуваат и за развој на меѓуармиската соработка, пријателството и мирот во регионот и во светот.