Во касарната „НХ Страшо Пинџур“, во гарнизонот Петровец, со преземање на сите превентивни мерки за заштита од COVID-19, беше одбележан 11 март – Денот на Командата на резервни сили.
На свеченоста присуствуваа командантот на Командата за операции (КО) бригаден генерал Бесник Емини и командантите на единиците во гарнизонот Петровец.
Во своето обраќање, командантот на Командата на резервни сили, полковник Ќиро Калков истакна дека се горди што се носители на традициите на овој настан од поновата историја на македонскиот народ, настан кога на караулата „Рамна Нива“ во Крива Паланка, на 11 март 1992 година за првпат на државната граница се развиори државното знаме, со што се заокружи територијалниот интегритет на нашата држава и го означи создавањето на Армијата.
Во својот говор, командантот на КО, бригаден генерал Бесник Емини, истакна дека во развојот и формирањето на командите и единиците на Армијата, во делот на активната и општата резерва, посебно значајно место има и Командата на резервни сили.
По повод денот на единицата, беа доделени стимулативни мерки за припадниците од единицата за остварените резултати во работата и воедно беа прочитани упатените честитки.
ЧС