Во помен на трагичното загинување на четворицата припадници на Армијата кај месноста Вејце во 2001 година, со полагање на свежо цвеќе на спомен обележјето пред баталјонот за специјални сили во касарната „Илинден“ се одбележа 21 година од овој трагичен настан.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска, началникот на генералштабот на Армијата генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, делегации од баталјонот за специјални сили и командите на единиците на Армијата, МВР и семејствата на загинатите со полагање на свежо цвеќе оддадоа почит на Роберт Петковски, Бобан Трајковски, Миле Јаневски и Игор Костески.
Во чест на загинатите припадници на баталјонот за специјални сили, командантот на оваа единица, потполковник, Оливер Зариоски обраќајќи се пред присутните истакна дека покажаната лојалност и чест на загинатите колеги сите припадници на единицата се должни да ги чуваат, почитуваат но и надоградуваат преку одржување на обученоста и сите војнички вредности во служба на татковината.
На денешен ден во 2001 година кај селото Вејце, во околината на Тетово загинаа осум припадници на безбедносните сили од кои четворица беа од редовите на Армијата, а останатите четворица од составот на МВР.