Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, денес оствари протоколарна средба со делегација, предводена од Кјерсти Клаебое, генерален директор на Одделот за кадровска политика, компетентност и заеднички правни услуги при Министерството за одбрана на Кралството Норвешка на која присуствуваше и нерезидентното одбранбено аташе за Република Северна Македонија, потполковник Даг-Магне Лунде.
Во рамки на средбата се разговараше за меѓусебната армиска соработка која во досегашниот период е на високо ниво, особено во образованието и обуката, од доменот на военомедицинската соработка, курсеви и обука од доменот за односи со јавноста, како и заедничко учество во мировната мисија во Авганистан.
На денешната средба се разговараше и за претстојната официјална посета на началникот на Генералштабот на норвешките Вооружени сили, генерал Ерик Кристоферсен која е планирана на крајот на месецот.
Воедно стана збор и за настапот на Кралската гарда на Норвешка на плоштадот во Скопје, како дел од нивната турнеја на Балканот и дел од програмата по повод одбележувањето на тридеценискиот јубилеј на Армијата.