Во рамки на активностите со кои Армијата на Република Северна Македонија го одбележува тридеценискиот јубилеј и одличната меѓуармиска соработка со Вооружените сили на Кралството Норвешка, денес на плоштадот „Македонија“ во центарот на Скопје, голем број на граѓани имаа можност да присуствуваат на несекојдневен и спектакуларен настан.
Припадниците на кралската гарда на Кралството Норвешка, која за прв пат настапува кај нас и на баталјонот за почести на Армијата на Република Северна Македонија, заедно со воените оркестри ги воодушевија присутните со изведба на акробатски вештини со оружје, марширање и музика кои го отсликаа меѓусебното пријателство и сојузништво.
Настапот на гардиските единици беше проследен и од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и началникот на Вооружените сили на Кралството Норвешка, генерал Еjрик Кристоферсен кој се наоѓа во официјална посета на нашата држава, државниот секретар во МО, Драган Николиќ, амбасадорот на Кралството Норвешка, Јорн Еугене Гјелстад, генералите во Армијата, припадници од Министерството за одбрана и Генералштабот и од Амбасадата на Кралството Норвешка.
Кралската гарда на Кралството Норвешка е меѓу најпознатите кралски гарди во светот и е една од најголемите единици во ВС на Кралството Норвешка. Изведбите на кралската гарда на Кралството Норвешка се меѓу најпосетуваните секаде каде што имале свој настап.
Како дел од заедничката соработка, во концертната сала на македонската филхармонија во Скопје, воениот оркестар од кралската гарда на Кралството Норвешка одржа едночасовен самостоен концерт на кој генералите Ѓурчиновски и Кристоферсен, припадници од Армијата, Министерството за одбрана и други гости од воено дипломатскиот кор имаат можност да проследат повеќе нумери во изведба на кралскиот оркестар.