Како дел од активностите за одбележување на триесетгодишниот јубилеј на Армијата, денес во организација на генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија на Воениот стадион во Скопје, свечено беа отворени финалните спортски натпревари по повод 18ти август,Денот на Армијата.
Финалните спортски натпревари ги отвори Заменик на началникот на генералштабот на Армијата генерал-мајор Азим Нуредин, кој им порача на припадниците од единиците кои учествуваат на денешниот завршен турнир да ги покажат своите спортски достигнувања и достојно да ги претстават своите единици со што ќе го потврдат значењето на спортот како значаен фактор во армиската обука.
Во досегашните спортски натпреварувања кои се одржаа во сите гарнизони на Армијата, учество зедоа повеќе од 1000 армиски припадници и припаднички, а во финалните натпреварувања учествуваат стотина припадници на Армијата.
Спортските натпреварувања во дисциплините: крос трчање на 4 и 8 километри, мал фудбал, кошарка, одбојка, шах и пинг-понг, традиционално се одржуваат секоја година во рамките на одбележување Денот на Армијата. На најуспешната единица на свеченото постројување за Денот на Армијата ќе се додели преоден пехар, а најуспешните екипи и спортисти ќе добијат пригодни награди.
Спортот и спортските натпревари се значаен фактор во армиската обука и физичката подготвеност, но и во развивањето на натпреварувачкиот дух кој придонесува подобро да се извршуваат армиските борбени задачи.