Армијата на Република Северна Македонија и Министерството за одбрана, со полагање на венци свежо цвеќе на спомен обележјата во с. Љубанци, с. Волково, Ѓорче Петров и во касарната „Илинден“ им оддаде почит на загинатите припадниците од состав на Армијата кои пред 21 година, загинаа во месноста Љуботенски бачила.
Делегацијата на МО и Генералштабот на Армијата која положи венец свежо цвеќе во с. Љубанци, касарната „Илинден“ и општината Ѓорче Петров беше предводена од началникот на генералштабот на Армијата генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.
Пред спомен обележјето на загинатите припадници на безбедносните сили во Волково, генералот Ѓурчиновски беше во состав на делегацијата која ја предводеше министерката за одбрана Славјанка Петровска која исто така во состав на владината делегација положи венец свежо цвеќе и во касарната „Илинден“.
На 10 август 2001 година со воено товарно возило на патот кон месноста Љуботенски бачила при активирање на мина животот го загубија Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски, припадници на резервниот состав на Армијата.