Во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес, денес се одржа пригодна воена свеченост, по повод прием на должност командант на Командата за обука и доктрини (КОД). Должноста командант на Командата за обука и доктрини (КОД) ја прими полковник Васко Коколански, кој со указ на претседателот и врховен командант, во рамки на одбележувањето на 30-годишниот јубилеј на Армијата е поставен на оваа должност.
По тој повод, на денешната свеченост присуствуваа: министерката за одбрана Славјанка Петровска, заменикот на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин, командантот на Командата за операции (КО) бригаден генерал Бесник Емини, командантот на 1.пешадиска бригада, бригаден генерал Сашко Лафчиски, претставници од кабинетот на претседателот, Министерството за одбрана и ГШ на Армијата, команданти на потчинетите команди и единици, претставници од локалната самоуправа и други гости.
„Да се биде на чело на Командата за обука и доктрини, чија тежишна задача е едукација и образование на младите кадри претставува огромна чест, но во исто време и обврска во исполнувањето на сите предизвици и задачи. Обуката и стекнувањето на нови знаења и вештини се едни од најважните сегменти во војничката професија, чии носители сте токму вие припадниците на оваа команда. Овој сегмент од вашата мисија е од исклучително значење за Армијата. Знаењата и искуствата кои се пренесуваат на професионалните војници како слушатели на основните и напредните курсеви за подофицери, придонесуваат за оформување на квалитетен подофицерски кадар, како клучен ресурс во понатамошното лидерство и изведување на обуката во единиците“, истакна заменикот на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин во своето обраќање пред присутните.
Генералот Нуредин честитајќи му ја новата должност на новопоставениот командант му посака успешно командување и изрази уверување дека во потполност ќе биде оправдана дадената доверба од врховниот командант, а на заменикот командант, полковник Стојанче Тодоров и на Штабот на Командата за обука и доктрини им оддаде признание за дадениот придонес, максималната посветеност и професионален ангажман при извршувањето на своите должности.
Новопоставениот командант, полковник Васко Коколански, кој досега ја извршуваше должноста заменик на командантот на 1.пешадиска бригада (1пбр), во својот говор изрази благодарност за укажаната доверба од надлежните авторитети да командува со Командата за обука и доктрини.
Полковникот Коколански додаде дека приклучувајќи се на силниот тим професионалци, целокупната негова енергија, знаење, вештини и посветеност ќе бидат насочени кон справувањето со предизвиците со кои се соочува оваа команда, со цел исполнување на нејзината мисија. Тој нагласи дека соочувајќи се со безбедносните предизвици на новото време, Командата за обука и доктрини ќе продолжи интензивно да работи на прилагодување и оспособување на капацитетите, кои ќе можат да одговорат на истите.
Церемонијалното предавање на военото знаме на командата го изврши заменикот на началникот на Генералштабот, генералот Нуредин и со тоа официјално полковникот Коколански ја прими должноста, командант на КОД.