На свечена церемонија во Командата за обука и доктрини, во присуство на министерката за одбрана, Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, се одбележа завршувањето на основниот курс за подофицери и промоција во прв подофицерски чин на 149 припадници на Армијата.
Пред новопроизведените подофицери се обратија министерката за одбрана, Славјанка Петровска и командантот на Командата за обука и доктрини, како надлежна Команда за реализација на курсот.
Министерката Петровска во своето обраќање на подофицерите им порача дека тие ја имаат честа да бидат штит на суверенитетот и територијалниот интегритет на нашата држава, да ги чуваат граѓаните безбедни и да го одржуваат мирот. Притоа истакна дека треба да бидат горди на стапувањето во редот на подофицери кое треба да биде поттик за понатамошно залагање и со нивен личен пример да ја прикажуваат одликата за професионално работење.
„Ќе продолжиме да работиме и да одговориме на барањата на Генералштабот и ќе направиме сè за Армијата да биде соодветно пополнета, но и истовремено модернизирана согласно стандардите.“, истакна министерката.
Командантот на Командата за обука и доктрини, полковник Васко Коколански истакна дека денеска Армијата ги зајакна своите капацитети со лидери кои мотивираат, инспирираат и водат. Коколански додаде дека подофицерите преку секојдневните задачи, обуката на единиците, градењето на капацитети и армиските вредности, придонесуваат Армијата да биде почитувана од сојузниците во Алијансата.
На свеченоста присуствуваа и заменик на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, директорот на генералштабот, генерал-мајор Зоран Милески и генералите во Армијата, како и државниот секретар во Министерството за одбрана, Владимир Анчев.
Доделувањето на првиот подофицерски чин на 149 припадници на Армијата меѓу кои 13 припаднички од различни единици на Армијата следува по успешното завршување на основниот курс за подофицери кој изминатите два месеци се реализираше во касарната „Алексо Дамниевски Бауман“ во Велес и на Армискиот полигон „Криволак“.
На промоцијата, на тројца припадници на Армијата кои покажаа особено залагање и високи резултати за време на обуката на основниот подофицерски курс од страна на генералот Ѓурчиновски и министерката Петровска им беа доделени соодветни признанија.
Новопроизведените подофицери во следниот период ќе бидат распоредени во единиците на Армијата согласно специјалноста како командири на одделенија каде ќе ги пренесуваат досегашното искуство, како и стекнатите знаења во процесот на изведување на обуката.