Началникот на генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски со предавање на военото знаме на ренџерскиот баталјон во рацете на потполковник Николчо Јованов, официјално го изврши примопредавањето на должноста командант на оваа единица која досега ја раководеше полковник Ментор Саити.
На воената свеченост во касарната „Илинден“ во Скопје, пред стројот на припадниците на единицата со пригодни говори се обратија: началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, досегашниот и новопоставениот командант на Ренџерскиот баталјон.
Во своето обраќање до присутните генералот Ѓурчиновски го истакна значењето на оваа единица за Армијата, во која и тој самиот има поминато дел од својата воена кариера и учествуваше во нејзината изградба. Притоа се наврати на досегашните активности и успеси кои ги реализираше единицата во изминатиот период и активностите кои ги очекуваат во следниот период по што упати честитки до досегашниот командант и новопоставениот командант.
Во својот говор, досегашниот командант, полковник Ментор Саити истакна дека е чест да се носи зелената беретка притоа заблагодарувајќи се на персоналот од единицата за укажаната поддршка во текот на неговото извршување на должноста командант.
Ново поставениот командант,потполковник Јованов Николчо, упатувајќи благодарност за довербата да ја раководи оваа единица во следниот период истакна уверување дека со максимално залагање ќе ја оправда довербата и ќе ја води единицата во уште поголеми успеси и професионално извршување на сите доверени задачи.
На свеченоста присуствуваа и заменикот на командантот на логистичката база и командантите на единиците кои се стационирани во касарната „Илинден“.