На ден 05.06.2015 година претставници на Канцеларијата за соработка во одбраната при Амбасадата на САД во Република Македонија остварија посета на гарнизонот Кичево.
Ова е последна од серијата на планирани посети на единиците на 1. механизирана пешадиска бригада (1.мпбр) од составот на Здружената оперативна команда кои се сместени во гарнизоните Тетово, Штип, Куманово и Кичево.
Во состав на делегацијата од Амбасадата на САД покрај одбранбеното аташе на САД во Р. Македонија полковник Томас Батлер, беа и останатите припадници од канцеларијата за воена соработка, придружувани припадници од командата на 1мпбр, и главните подофицери во ГШ на АРМ од ЗОК и 1.мпбр.
Целта на посетите е запознавање со статусот на опремата која е набавена преку ФМФ фондот на САД, како и со припадници од единицата кои се школувани по ИМЕТ (International Military Education and Training) програмата.
За време на посетите делегацијата покрај останатото имаше можност да се запознае и со улогата, задачата и мисијата на единиците. Во продолжение беа одржани оделни состаноци со претставници од единицата.
На крајот на посетите се реализираа ТТ-зборови од средствата кои се обезбедени преку ФМФ фондот и останатите средства од американско потекло при што делегацијата се запозна и со познавањето на припадниците од единиците со намените и особините на средствата.