Во касарната „Чеде Филиповски – Даме“ во Кичево со воена свеченост припадниците од 4. пешадиски баталјон (4.пб), од 1.пешадиска бригада (1.пбр) традиционално го одбележаа 21-ви Мај, Денот на Единицата, која ги продолжува традициите на формирањето на кичевско-мавровскиот партизански одред.
По повод одбележување на свеченоста, со пригоден говор се обратија командантот на 4.пб потполковник Горан Трајаноски и командантот на 1.пбр, бригаден генерал Сашко Лафчиски, кои во своите говори го истакнаа ангажирањето на припадниците на единицата во изминатиот период, сегашните ангажирања и активностите кои претстојат во наредниот период.
За професионалноста, подготвеноста и постигнатите резултати за најдобар вод беше прогласен извидувачкиот вод, од командна чета, од составот на баталјонот, а доделени се и стимулативни мерки.
Во пресрет на денот на единицата во соработка со Црвениот Крст и одделот за трансфузиологија, се реализираше крводарителна акција на која се собрани 96 единици на крв.
Одбележувањето заврши со реализација на тактичко технички збор (ТТ-збор) во неколку работни точки, на кој присутните гости имаа можност да се запознаат со дел од вооружувањето и опремата во единицата.
На денот на единицата присуствуваа и команданти на потчинетите команди и единици на ГШ на Армијата, претставници од државната управа, јавните установи и служби, претставници на единиците на локалната самоуправа во зоната на одговорност на единицата како и правни и физички лица со кои единицата има соработка.
ЧС