По повод завршување на воената служба и заминување во пензија на активниот воен персонал од генералштабот а во согласност со стандардните оперативни процедури за пензионирање на воениот и цивилен персонал во Армијата, денес во воениот камп „Васко Карангелевски“ во Охрид се реализира соодветна церемонија.
На церемонијата по повод заминување во пензија на лицата кои ги исполниле условите во тековната година од страна на началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и министерката за одбрана Славјанка Петровска им се доделија плакети и значки за нивниот придонес за Армијата во текот на својата работна кариера.
На настанот по овој повод се обратија генералот Ѓурчиновски и министерката Петровска кои на досегашните припадници на Армијата, сега веќе пензионирани лица им се заблагодарија за вложениот труд, ангажираност и посветеност во работата. Притоа им го честитаа пензионирањето и му посакаа многу здравје во заслужениот пензионерски живот.
На овој начин, за прв пат со пропишана процедура на припадниците на Армијата со посебен чин им се оддаде признание, притоа иницирајќи создавање на трајни врски со досегашните колеги и по формалниот завршеток на кариерата во организација која поради своите специфики е карактеристична и остава траен белег во животот на секој нејзин припадник.
Меѓу припадниците на Армијата кои присуствуваа на церемонијата кои ги исполниле законските услови за пензионирање беше и поранешниот директор на Генералштабот, генерал-мајор Зоран Милески.