Со воена свеченост во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје, денес се промовираа 27 потпоручници од 23. класа на питомци и 3 потпоручници од Црна Гора и 2 од Босна и Херцеговина.
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска во своето обраќање на новите офицери им честиташе за мотивираноста и истрајноста за долгиот и предизвикувачки процес на едукација кој успешно го завршија, благодарение на современите студиски програми во согласност со принципите за воено образование на НАТО, можноста за размена на професорски кадар и питомци преку програмата „Еразмус плус“, како и преку одбранбената билатерална соработка со нашите сојузници, каде имаа можност за стекнување знаења и вештини вредни за еден вистински офицер на НАТО.
„Вие сте вистинските патриоти, вие кои сте решиле својата работна кариера да ја посветите на заштитата на своите граѓани и многу повеќе од тоа, активно да се вклучите во системот на колективна одбрана и безбедност на НАТО, како офицери на земји членки и партнерски земји на Алијансата“, им порача министерката во своето обраќање.
Деканот на Воената академија, полковник Митко Богдановски во својот говор истакна дека кај новопроизведените потпоручници препознатлива е радоста што се дел од стројот по завршувањето на образовниот процес и понатаму продолжуваат како идни колеги, соработници и пријатели, а стекнувајќи се со првата ѕвезда стануваат и дел од најсилната фамилија, дел од Армијата. Полковникот Богдановски исто така изрази уверување дека во текот на нивното образование на Воената академија се создадени одлучни, мотивирани и прогресивни лидери наоружани со знаење, искуство и пример каде ќе бидат видени влоговите од нивното образование во текот на нивната кариера, а секој појавен предизвик да биде прифатен како можност за растење, учење и напредување.
Прворангираниот питомец Никола Антески, кој своето образование го заокружи со просек 9.54, во своето обраќање повика интегритетот, храброста и непоколебливата посветеност кон должноста и понатаму да бидат нивните ѕвезди водилки со кои успешно ќе се справуваат со предизвиците што претстојат.
На прворангираните потпоручници Никола Антески, Јована Софрониоска и Наум Спироски, од страна на министерката Славјанка Петровска, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, аѓутантот на Врховниот командант, полковник Билјана Блажеска, им беа врачени соодветни плакети за постигнатиот успех.
На денешната свеченост покрај министерката за одбрана, Славјанка Петровска, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, присуствуваа и заменик- министерот за одбрана, директорот на ГШ, државниот секретар во Министерството за одбрана, генералите во Армијата, команданти на единиците на Армијата, претставници од МО на Босна и Херцеговина и Црна Гора, семејства и роднини на питомците и други гости.