Заменикот на Началник на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин заедно со претставници од Генералштабот во состав на делегацијата предводена од Министерката за одбрана Славјанка Петровска, во период од 08 до 10 ноември престојуваше во официјална посета на Мултинационалните сили на НАТО во Романија во чиј состав македонскиот контингент извршува задачи како дел од активностите на зголемена будност.
Делегацијата за време на посетата во касарната Отопени ги посети војниците од македонскиот контингент кои се дел од мултинационалните сили на НАТО во Романија. Притоа министерката Петровска и генералот Нуредин остварија средба со командантот на Мултинационалната бригада, бригаден генерал Константин Николаеску.
Генералот Нуредин и делегацијата ја посетија и командата на југоисточната мултинационална дивизија на НАТО сместена во Букурешт, при што со заменикот на командант на дивизијата, бригаден генерал Лоик Џерард и припадниците од штабот се разговараше за активностите на бригадата, како и за задачата на нашите единици во Романија и Бугарија.
Улогата на мулинационалната дивизија на НАТО е да ги координира оперативните сили на НАТО во Романија и Бугарија за време на изведување на операции од член 5 на НАТО. Во рамки на црноморската безбедносна архитектура на НАТО, дивизијата ја надополнува сојузничката структура на команда и контрола врз спроведување на акциониот план за подготвеност.
Армијата на република Северна Македонија својот придонес во рамки на Мултинационалните сили на НАТО во Романија го започна во ноември 2022 година, со испраќање на единица во јачина од еден вод, односно 35 припадници во рамките на овие НАТО сили. Целта на Мултинационалните сили на НАТО во источното крило на Алијансата е да ја зацврстат колективната безбедност и да го демонстрираат единството на земјите-членки во заштита на секоја педа сојузничка територија.