Денес, 4-ти февруари 2014 година, Министерот за одбрана Талат Џафери, во придружба на заменикот на началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Насер Сејдини и државниот секретар во МО Сашо Стефаноски, ги посетија припадниците на Полкот за специјални операции (пСО) на АРМ, кои на локалитетот покрај регионалниот пат Маврово-Ростуше демонстрираа обука во зимски услови.
„Тука уште еднаш се уверивме во способноста на полкот за специјални операции. Можам да кажам дека тие се одлично подготвени и можат да извршуваат активности во многу сложени услови“, истакна министерот Џафери во рамки на посетата. Воедно, министерот додаде дека она што е прикажано е соодветно на статусот на единицата.
Во врска со опремувањето, министерот Џафери додаде дека постои план за набавки и согласно финансиските можности припадниците на полкот секогаш ќе ја добиваат најдобрата опрема.
Командантот на пСО, бригадниот генерал Васко Ѓурчиновски информираше дека со денешната огледна вежба полкот ги започнува активностите за одбележување на јубилејот ,,20 години специјални единици на АРМ“. Тој додаде дека на 19 февруари, сите заинтересирани граѓани на Република Македонија, ќе имаат можност во касарната ,,Илинден“ во Скопје, да го посетат Отворениот ден на единицата, а потсети дека централната свеченост по повод јубилејот и денот на единицата ќе се одржи на 1-ви март.
Припадниците на пСО изведоа огледна тактичка вежба на снег и тактички марш на скии со гаѓање, при што ги презентираа и опремата и објектите за живот и престој на планина во зимски услови, со што уште еднаш уште еднаш ја потврдија нивната врвна обученост и оспособеност за извршување на задачи во сложени временски теренски и услови.