Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, денес оствари протоколарна средба потполковник Метју Вокер досегашно одбранбено аташе (ОА) на Обединетото Кралство за Република Северна Македонија и потполковник Едвард Џон Грин, кој во наредниот период ќе ја извршува оваа должност.
Генералот Ѓурчиновски изрази благодарност за досегашниот ангажман и унапредување на билатералната соработка за време на мандатот на потполковникот Вокер. Исто така изрази уверување за продолжување на континуираната соработка во доменот на одбраната помеѓу Армијата на Република Северна Македонија и Вооружените сили на Обединетото Кралство која се реализира преку заеднички вежбовни активности, поддршка за развој на капацитетите, а особено во полето на стручното усовршување на припадниците на Армијата на високите воените школи во Обединетото Кралство.
Во рамки на денешната средба, генералот Ѓурчиновски упати честитки до потполковник Едвард Џон Грин, посакувајќи му успех во извршувањето на оваа должност и продолжување на соработката помеѓу двете армии и преку други форми на заеднички активности.
По средбата во ГШ на Армијата, ОА остварија протоколарна средба и со командантот на Командата за операции, бригаден генерал Бесник Емини.