Во периодот од 22 до 24 март, со реализација на отворените денови во Прилеп, Охрид, Скопје, Кичево и Охрид завршија настаните со кои се одбележуваат 75 години од формирањето на НАТО и воедно четири години од нашето членство во Алијансата.
Посетеноста од страна на граѓаните на отворените денови и овојпат беше исклучително висока, со што Армијата на Република Северна Македонија и Министерството за одбрана транспарентно на јавноста ѝ прикажаа дел од опременоста и обученоста на армиските припадници, но и афирмативно ја претставија улогата на Армијата во одбраната и безбедноста на Републиката и улогата во колективната безбедност на НАТО.
Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски присуствуваше на настаните во Охрид и Прилеп придружуван од началникот на штаб во Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, кој исто така присуствуваше и на отворениот ден во Кичево. На настаните во Скопје присуствуваше претседателот и врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски, придружуван од заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин.
На овие отворени денови, кои беа последни од низата од осум настани кои претходно се реализираа и во Струмица, Кавадарци, Штип и Тетово, присутните имаа можност да проследат показни вежби од страна на припадниците на Баталјонот за специјални сили, ренџерската единица од состав на Извидувачко- разузнувачкиот баталјон и Центарот за одгледување на кучиња.
Воедно присутните имаа можност да се запознаат со техничките карактеристики на дел од вооружувањето, армиските возила, меѓу кои и најновите од видот JLTV, нуркачката опрема со која располагаат единиците на специјалните единици, алпинистичката опрема на ренџерската единица и опремата и вооружувањето од единиците на воената полиција, пешадиските единици, единиците за АБХО и врски.