Во период од 13 до 23.05.2024 година, во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес, беше одржан пилот курс за психолошки операции на тактичко ниво со сертифицирани инструктори за психолошки операции од Армијата на Република Северна Македонија.
За активноста која е прв самостоен курс со сопствени инструктори, командата за обука и доктрини како носител на активноста имаше стручна поддршка и координација на одделението за психолошки операции од генералштабот на Армијата.
Целта на курсот беше слушателите да се оспособат за практична примена на психолошки операции во процесите на воено планирање и донесување на воени одлуки во командите и единиците на Армијата и нивно водење во текот на операциите, како и формирање на базен на сили за пополна на тимот за психолошки операции од составот на лесната пешадиска баталјонска група.
На курсот учествуваа девет припадници (офицери, подофицери и професионални војници) од потчинетите команди и единици на Армијата.
Во последниот квартал од годината, со истиот персонал се планира реализација на втор модул од курсот, каде тежиште ќе се даде на практичната примена на задачите на тимовите за психолошки операции на тактичко ниво.