Делегација на Здружението на доброволци и ветерани на татковинската војна на Република Хрватска, која се наоѓа во дводневна посета на Република Северна Македонија, како дел од соработката со Здружението на ветерани и резервисти од одбраната и безбедноста на Северна Македонија, денес го посети Генералштабот на Армијата при што оствари средба со директорот на Генералштабот, бригаден генерал Симеон Трајковски.
На средбата помеѓу генералот Трајковски и претставниците на Здружението од Хрватска, генерал-полковник во пензија д-р Славко Бариќ, бригадир во пензија Марин Грегоровиќ и бригадир во пензија Ѓуро Тихомировиќ, претседателот на Здружението на ветерани, полковник во пензија проф. д-р Темелко Ристески се разговараше за улогата на овие здруженија во сферата на безбедноста, одбраната и билатералната армиска соработка помеѓу двете земји членки на НАТО.
Генералот Трајковски ја запозна делегацијата со активностите на Генералштабот, трансформациските процеси, активностите и операциите на НАТО во кои учествува Армијата на Република Северна Македонија, како и за меѓусебната армиска соработка која ја имаме со Вооружените сили на Република Хрватска.
Притоа, беше констатирано дека ваквите облици на соработка и споделување на искуства не само што ги подобруваат односите помеѓу двете земји, туку преку меѓусебните дебати, разгледување и размена на идеи и планирани активности на здруженијата се предлага и укажува на одредени безбедносни состојби и се изнаоѓаат најефикасните начини за планирања во армиите, но и за унапредување на безбедносната средина во регионот.
Соработката со овие здруженија во кои членуваат поранешни припадници на армиите кои биле истакнати воени раководители, преку споделување на нивните интелектуални и искуствени капацитети и видувања е секогаш добредојдена за армиските структури.
Здружението од Хрватска за време на престојот покрај оваа средба и состаноци со Здружението на ветерани, како нивен домаќин, ќе оствари и средби со претставници од Здружението на генерали на Армијата на Република Северна Македонија.