Во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје во присуство на Претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, се реализира воена свеченост по повод промоција во почетен офицерски чин на питомците од 24тата класа, слушателите на курсот за потребите на службите во Армијата и слушателите на основниот курс за подофицери.
Во чин потпоручник беа промовирани 38 питомци на 24. класа, од кои 24 во редовите на Армијата и 14 од Армиите на Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово, додека во чин поручник 60 слушатели за потребите на службите во Армијата и 60 подофицери во чин водник.
Претседателката и врховен командант на вооружените сили, Гордана Сиљановска Давкова, обраќајќи се на новите офицери и подофицери истакна: „Вашите животи знам дека се различни. Но, денеска овде и за време на студиите се спојуваат. Животот е еден трнлив, незапирлив марш кон слобода, кон знаење, кон успеси. Никогаш не заборавајте дека тој пат го изоделе и го отвориле илинденците, партизаните, асномците, а потоа и вие. Армијата, е всушност, едно семејство од лични приказни, меѓутоа не е само обичен збир на припадници. Има нешто заедничко – сите вие овде, на кои јас сум горда, офицери, подофицери, војници, сте обврзани со нешто свето, со свечената заклетва, да ја браните слободата, сувереноста, самостојноста и територијалниот интегритет на нашата македонска татковина. Се разбира, војската бара дисциплина, не само посветеност. Затоа и вие дисциплинирано, совесно и одговорно, како што студиравте, како што учевте, така и да ги извршувате обврските и должностите како бранители на слободата и честа на татковината“ и додаде „Никогаш не заборавајте од каде доаѓате. Никогаш не заборавајте ја вашата заклетва, дека сте тука пред сè и над сè за македонските граѓани и за одбраната на македонската република“.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски кој на новите лидери во Армијата, офицери и подофицери им порача: „Лидерството не е само авторитет, лидерството е инспирација, давање пример и негување на работна средина во која секој ќе може да напредува, а вие сте повикани да водите со мудрост, храброст, одлучност и да носите одлуки со чесност и интегритет, кои пак ќе ги отсликуваат вредностите што ја дефинираат нашата Армија“. Пред присутните, Мисајловски истакна дека денешна промоција е признание за нивниот труд, но и доказ за довербата што им е дадена да станат дел од институцијата со најголема доверба кај граѓаните. Тој упати благодарност за одлуката да и служат на државата и граѓаните и до нивните семејства за поддршката и разбирањето за нивната определба. Министерот Мисајловски во своето обраќање ја потенцира важноста на Воената академија во регионални рамки.
Деканот на Воената академија, полковник Митко Богдановски во својот говор кажа „Со вашата упорност и решителност, покажавте дека секоја препрека може да се надмине. Заедно, со посветеност и верба, ги надминавте сите сомнежи и ја потврдивте вашата сила. Секој од вас има своја улога во оваа приказна на успехот. И денес, стоите овде не само како поединци, туку како доказ за тоа што може да се постигне кога се работи заедно, со верба во себе. Ова е вашето време да ги докажете своите способности, да покажете што значи вистинска храброст и да изградите светла иднина за Армијата и државата“, им порача деканот на Воената академија, полковникот Митко Богдановски на новите офицери.
На денешната свеченост присуствуваа и министерот за спорт, Борко Ристовски, претставници на воено дипломатскиот кор од Босна и Херцеговина, Црна Гора и останати високи гости од Министерството и Армијата, како и родители, роднини и пријатели на произведените старешини.