Делегација од Националната гарда на сојузната држава на САД, Вермонт предводена од командантот, генерал-мајор, Грегори Најт во рамки на неколкудневната официјална посета на Република Северна Македонија, денес заедно со началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски оствари посета на касарната „Јане Сандански“ во Штип.
Пред генералите Сашко Лафчиски и Грегори Најт во присуство на командантот на командата за операции, бригаден генерал Бесник Емини, од страна на заменик на командантот на 1.пешадиска бригада (1.пбр), полковник Стеван Наумовски и командантот на 2.пешадиски баталјон, потполковник Зоран Сумрачки се изврши презентација за подготвеноста и планираните активности за претстојните вежби „Immediate Response 25“ и „Sаber Junction 25“.
Во рамки на денешната посета, од страна на генералот Најт на соодветна церемонија беа доделени медали на припадници од инженерискиот баталјон од 1.пбр за интероперабилноста и залагањето во уредувањето и подобрување на капацитетите на Армискиот полигон „Криволак“ заедно со инженерците од НГ на Вермонт во рамки на вежбата „Resolute Castle 24“.
За време на средбата генералите Лафчиски и Најт, воедно разговараа и за досегашната соработка која беше оценета како исклучително добра и корисна, при што беше изразена заложба таа да продолжи да се интензивира во наредниот период.
Во текот на својата официјална посета, командантот на НГ, генерал-мајор Грегори Најт присуствуваше на централната свеченост по повод одбележување на Денот на Армијата во Охрид, на која генералот Лафчиски ја прими должноста началник на Генералштабот, додека претходно имаше средба и со министерот за одбрана Владо Мисајловски и заедничка посета на сајбер оперативниот центар на Армијата.