Со полагање на свежо цвеќе пред спомен-обележјето во Вратница, од страна на делегација на Армијата, предводена од началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, беше оддадена почит на посадата на американскиот бомбардер Б-24 „Наша љубов“, кој се урнал во месноста Камче на 26 август 1944 година, за време на Втората светска војна.
Пред присутните со поздравни говори се обратија претседателот на Организацијата на резервни офицери, д-р Гоце Георгиев и Заменик амбасадорката на САД во Република Северна Македонија, госпоѓа Никол Варнс, која изрази благодарност за поддршката за организација на настанот, како важен момент за американската јавност и почит кон екипажот на американскиот бомбардер Б-24.
По падот на американскиот воен авион на 26 август 1944 година, мештаните од Вратница ги пронашле деветмина членови од екипажот во месноста Камче, од кои тројца биле повредени, а шестмина загинати. Преживеаните биле згрижени во Вратница, каде им е дадена прва помош, а потоа биле заробени и однесени во Софија, Бугарија, а по завршување на војната се вратени во САД.
По повод јубилејот, 80 години од соборувањето на американскиот бомбардер Б-24, беше отворена спомен собата за екипажот на американскиот бомбардер Б-24, при што од страна на претседателот на Организацијата на резервни офицери, д-р Гоце Георгиев, беше доделена плакета на Заменик амбасадорката на САД, госпоѓа Никол Варнс, а на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски му беше доделена значка.
Настанот беше завршен со изведба на културно уметничка програма од страна на КУД „Кирил Пејчиновиќ“ од Теарце.