Во касарната „Гоце Делчев“ Скопје се одржа воена свеченост по повод примопредавање на должноста командант на Центарот за обука на питомци и офицери (ЦОПиО) од составот на Командата за обука и доктрини (КОД).
На свеченото примопредавање на должноста присуствуваа началникот на штаб на КОД полковник Гоце Филипоски, деканот на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ полковник Митко Богдановски, професори од Воената академија и гости од единиците на Армијата.
Началникот на Штаб на КОД полковник Гоце Филипоски во својот говор истакна дека Центарот за обука на питомци и офицери претставува темел на развојот на идните воени лидери на Армијата, но и на Армиите на пријателска Босна и Херцеговина и Црна Гора. „Овде се калат генерации офицери кои преку современи програми и посветена обука ги стекнуваат знаењата и вештините неопходни за лидерството, интегритетот и професионализмот.“ потенцираше полковникот Филиповски во своето обраќање. На досегашниот командант потполковник Горан Шутевски му изрази голема благодарност за досегашното несебично залагање, високата професионалност и непоколебливото лидерство, а на новиот командант потполковник Иван Сарафимов му ја честиташе примената должност посакувајќи му успех во понатамошното раководење на овој центар, пред сѐ со идните предизвици за визијата на работата и постигнување на врвни резултати во извршувањето на задачите.
Потполковникот Шутевски во своето обраќање истакна дека должноста командант на ЦОПиО не е само функција туку тоа претставува чест,обврска и одговорност. Воедно им се заблагодари на припадниците на ЦОПиО и претпоставената команда, како и на Воената академија за досегашната несебична поддршка, а на новиот командант му посака здравје и искрени желби за успех во раководењето со единицата.
„ЦОПиО е повеќе од збир на поединци во униформа. Тоа е семејство обврзано со заеднички цели и колективна намера“, рече новопоставениот командант потполковник Иван Сарафимов. Воедно истакна дека преку дисциплина, тимска работа и издржливост ќе се одржуваат традициите на единицата, осигурувајќи дека секогаш ќе бидат подготвени за секој предизвик што претстои.
Припадниците на ЦОПиО на потполковникот Горан Шутевски му доделија пригоден подарок, при што му се заблагодарија за досегашното командување и вложениот личен придонес во развојот на единицата и постигнатите резултати.