Делегација од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата предводена од државниот секретар Елизабета Чуповска Ристова и Директорот на Генералштабот, бригаден генерал Орце Јордев, денеска (8 август) положија венец со свежо цвеќе на спомен – обележјето на македонските бранители кои своите животи ги загубија кај месноста Карпалак во 2001 година. Во спомен на бранителите на спомен обележјето свежо цвеќе положија и делегации од кабинетот на Претседателката и врховен командант на Армијата, Владата, претставници од семејствата на загинатите припадници на Армијата и здруженија на граѓани.
Дваесет и четири годишнината од загинувањето на десетте припадници се одбележа и во Прилеп, каде делегација на Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана по истиот повод положи свежо цвеќе пред комплексот „Карпалак“.
Почит на загинатите припадници, во текот на вчерашниот ден им оддадоа делегации од Армијата и Министерството за одбрана, семејствата на загинатите, здруженијата на учесниците во воениот конфликт, прилепската локална самоуправа и граѓани на спомен обележјето во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп.
Во нападот на конвојот на армиските сили на автопатот Скопје – Тетово, во близина на селото Групчин кај месноста „Карпалак“ на 8 август 2001 година, животот го загубија Марко Деспотоски, Нане Наумоски, Сашо Китаноски, Бранко Секулоски, Горан Миноски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Пеце Секулоски и Веби Рушидоски, од резервниот состав на Армијата, од гарнизонот Прилеп.