Во период од 17 до 28 ноември, во Командата за обука и доктрини (КОД) во просториите на касарната „Алексо Демниевски Бауман“ во Велес се реализираше курс за обука на ракувачи на материјални средства (КОРМС) 1-25, од страна на инструктори од КОД. За учество на слушатели на курсот беа избрани подофицери, професионални војници и цивилни лица од единиците во Армијата кои се поставени, или се планираат да се постават, за ракувачи на материјални средства.
Целта на КОРМС е обука на ракувачите во одговорно, правилно и ажурно материјално работење и ракување со материјалните средства, кои се на употреба во единиците и командите во Армијата. За време на обуката слушателите стекнаа знаења во областа на правилно водење на документите во магацините за сместување на материјалните средства, како и ажурно водење на материјалните книги и евиденции.
За време на свеченото затворање на курсот на слушателите им беа доделени сертификати од страна на заменик-командантот на КОД, полковник Дарко Стојкоски. Во своето обраќање тој ја нагласи важноста на курсот и им посака успех во нивната понатамошна работа, како и имплементирање на новостекнатите знаења во нивните единици.








