Денес, во касарната „Илинден“ во Скопје, со воена свеченост и церемонијално предавање на военото знаме на единицата, потполковник Игор Милчов беше назначен на должноста командант на Баталјонот за почести (бП).
Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, во своето обраќање истакна дека ова е единицата чијашто мисија е повеќе од форма-таа е чувство на чест, дисциплина и лојалност кон државата. Баталјонот за почести е првата и последна импресија која ја добиваат и ја носат со себе највисоките претставници на државите и меѓународните организации кои ја посетуваат нашата татковина.
Предавањето на военото знаме е чин преку кој му се дава довербата на потполковникот Милчов да раководи и командува со Баталјонот за почести, наведе генералот Лафчиски, нагласувајќи дека „За само две недели нè очекува предновогодишниот концерт, кој прерасна во традиција, како еден од највпечатливите настани не само за Армијата, туку и за државата, а реализацијата на оваа задача нека биде тест и потврда за способноста и посветеноста дека сте подготвени да одговорите со успех на предизвикот да командувате со Баталјонот за почести“.
Во оваа прилика генералот Лафчиски му се заблагодари на претходниот командант на Баталјонот за почести, потполковник Дејан Величковски, кој ги препозна предизвиците и со успех ги реализираше задачите произлезени од мисијата на овој баталјон, а неговата посветеност, несебично вложен труд и пожртвуваност ја одржуваа единицата на највисоко професионално ниво.
Новопоставениот командант, потполковникот Игор Милчов, се заблагодари на укажаната доверба и истакна „Ми претставува особена чест за дадената можност да го пренесам искуството од постарите гардисти на новата генерација, заедно да продолжиме да ја надградуваме македонската гарда, како еден од симболите на македонскиот идентитет и непокор“. На крајот, новиот командант додаде дека „Професионализмот, дисциплината и посветеноста кон повикот „гардист“ секој од нас мора да го развие на највисоко рамниште“.
По соопштување на наредбата за поставување и нејзиното потпишување се изврши и официјалниот прием на должноста командант на Баталјонот за почести.
На денешната свеченост, покрај началникот на Генералштабот на Армијата, присуствуваа и деканот на Воената академија, полковник Ненад Танески, командантот на Логистичка база, полковник Мухарем Мухареми, команданти од останатите единици во Армијата и други гости.








