Како дел од планираните активности за обиколка и информирање на командите и единиците, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, во изминатата недела ги посети припадниците од Баталјонот на специјални сили, Баталјонот на Воена полиција и Баталјонот за почести распоредени во касарната „Илинден“ во Скопје, како и припадниците на Армијата распоредени во касарната „Кузман Јосифовски Питу“ во Тетово.
Во своето обраќање пред припадниците, генералот Лафчиски информираше за актуелната состојба во Армијата, учеството на Армијата во поддршка на цивилните институции, како и за регионалната и билатералната соработка.
Дополнително, генералот ги истакна вредностите кои треба да ги дефинираат припадниците на Армијата, при што како клучни ги наведе чувството на припадност кон Армијата, дисциплината и кодексот на чест, кој треба да биде водилка не само во Армијата, туку и во приватниот живот.
Обиколките на командите и единиците од страна на началникот на Генералштабот, ќе продолжат и во наредниот период со посета на останатите команди и единици.








