Денес, 22 декември, во Клубот на пратеници во Скопје се одржа редовниот годишен брифинг со одбранбените аташеи на кој се обратија: министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и доајенот на Асоцијацијата на одбранбени аташеи, романското одбранбено аташе полковник Каталин-Петре Арцип.
„Трите приоритети на кои почива одбраната…тоа е стабилно буџетирање, дополнителен стимул во процесот на модернизација и целосното почитување и унапредување на правата и обврските кон вработените, се приоритетите кои можеа да се увидат во секој исчекор кој го направивме во 2025 година“, рече министерот за одбрана Владо Мисајловски на денешното редовно брифирање со одбранбените аташеи акредитирани во земјава.
Министерот посочи дека во 2025 година „Министерството и Армијата продолжија со јакнење на одбранбените способности и капацитети, го забрзаа процесот на модернизација и го подигнаа нивото на интероперабилност со нашите сојузници“, истовремено истакнувајќи дека и во 2026 година ќе се задржи нивото на стабилен раст на одбранбениот буџет.
Генералот Лафчиски во оваа прилика упати благодарност до одбранбените аташеи за конструктивниот дух и посветеноста, како и за блиската соработка со институциите и единиците на Армијата, истакнувајќи „Ова партнерство не само што ги зајакна професионалните врски, туку придонесе и кон градење трајни односи засновани на меѓусебна почит и заеднички вредности“. Генералот Лафчиски, осврнувајќи се на иднината нагласи „Убеден сум дека преку продолжена соработка и отворена комуникација, дополнително ќе ги унапредиме нашите заеднички напори во насока на регионалната стабилност, меѓународната безбедност и исполнувањето на заедничките одбранбени цели“.
Полковник Каталин-Петре Арцип во своето обраќање ја истакна силната посветеност на нашата држава кон билатералната и мултилатералната одбранбена соработка, при тоа нагласувајќи ја улогата на воените аташеи како клучни канали за комуникација меѓу воено-политичките и воените лидери. На крајот, тој изрази благодарност до Армијата за „значајниот придонес за безбедноста во Западниот Балкан и на регионално ниво,“ како и „за покажаната транспарентност и поддршка во однос со Асоцијацијата на одбранбени аташеи.“
На овогодишниот брифинг одбранбените аташеи, меѓу другото, беа информирани и за активностите во Армијата вклучително за учеството во мисии, операции и активности надвор од територијата на државата, модернизацијата и опремувањето, учество на Армијата на меѓународни и национални вежби и капацитетите и можностите за изведување на обука и вежби на армискиот полигон „Криволак“.








