Со воена свеченост во касарната „Боро Менков“ во Куманово, припадниците на Баталјонот за борбено-сервисна поддршка (бБСП) од составот на Првата пешадиска бригада (1.пбр) го одбележаа денот на единицата, денот кога на 26 февруари во 1944 година во селото Жегљане Кумановско, била формирана Третата македонска народноослободителна ударна бригада.
На свеченоста присуствуваа делегации од Командата за операции (КО) предводена од бригаден генерал, Мирче Ѓоргоски, како и делегација од командата и штабот на 1.пбр предводена од командантот на 1.пбр, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, командантот на Командата за обука и доктрини, бригаден генерал Лулзим Нуредини, командантот на СЕЕБРИГ, бригаден генерал Билбил Битри, командантите на баталјони од составот на 1.пбр и останати гости.
Во своето обраќање, командантот на 1.пбр, бригадниот генерал Дејан Чиплаковски ги поздрави присутните гости и истакна дека бБСП има клучна улога во функционирањето на бригадата, обезбедувајќи логистичка поддршка за успешно реализирање на секојдневните задачи и обврски. Притоа истакна: „Бидете горди што сте дел од Армијата која ужива најголема доверба кај граѓаните, продолжете да работите вредно и посветено заедно со останатите припадници на бригадата, за доброто на сите нас и државата, нејзиниот територијален интегритет и суверенитет, во иднина продолжете да чекорите кон достигнување на нови успеси, каде ќе ве водат патриотизмот, храброста и високиот морал“.
Командантот на бБСП, потполковник Шпејтим Черими, во својот говор се осврна на историското значење на денешниот ден и идните обврски и задачи за единицата, како продолжувач на традициите и вредностите наследени од Првиот пешадиски баталјон и логистичките баталјони во Армијата.
Во рамки на свеченоста беа доделени награди и пофалници на офицери, подофицери и професионални војници од единицата. Беше реализирана и крводарителска акција на која беа собрани 46 крвни единици. За најдобар вод во единицата беше прогласен четвртиот логистички самостоен вод од гарнизон Прилеп.
ГЃ/ДЧ








