По повод одбележувањето на 127-годишнината од дипломирањето на Мустафа Кемал Ататурк на Воената гимназија во Битола, денес во Музеј Битола се одржа свечена церемонија на која присуствуваа: делегација од македонската Армија, предводена од командантот на Командата за обука и доктрини бригаден генерал Лулзим Нуредини и делегација од Вооружените сили (ВС) на Република Турција, предводена од бригаден генерал Рамазан Топер.
Во своето обраќање генералот Нуредини истакна дека наследството на Ататурк претставува мост на пријателство меѓу две земји кои негуваат искрено и цврсто партнерство. При тоа нагласи дека соработката во областа на одбраната е од особено значење и се реализира преку воена едукација, заеднички обуки, модернизација и размена на искуства. Преку познатата мисла на Ататурк: „Мир во татковината, мир во светот“, генералот потенцираше дека оваа порака сè уште останува актуелна и во современиот свет, потсетувајќи дека улогата на вооружените сили не е само да ја бранат државата, туку и да придонесуваат за стабилност, безбедност и мир.
На денешната манифестација во чест на ликот и делото на Мустафа Кемал Ататурк и неговата исклучителна посветеност кон напредокот и промовирањето траен мир меѓу народите, присуствуваа и амбасадорот на Република Турција во Република Северна Македонија Н.Е. Фатих Улусој, заменик-министерот за одбрана Адмир Шабани, претставници од воено-дипломатскиот кор, Генералштабот, Министерството за одбрана, градоначалникот на Општина Битола и останати гости.








