На 7 април 2026 година, во просториите на Командата за операции (КО) во Куманово, се одржа брифинг за подготвеноста на вежбата „Блесок 26“. На брифингот беше согледана состојбата на подготвеност за спроведување на оценувањето според НАТО стандардите за борбена готовност (Allied Command Operations Forces Standards Volume VII – Combat Readiness Evaluation of Land HQs and Units – CREVAL).
Оценувањето ќе се спроведе на декларираната способност – Лесна пешадиска баталјонска група (ЛПБГ), при што единицата ќе го демонстрира потребното ниво на борбена готовност.
Вежбата „Блесок 26“ ќе се реализира во периодот од 19 до 27 април 2026 година, по фиктивно сценарио. Намерата е да се изврши оценување и да се демонстрира високото ниво на борбена готовност на ЛПБГ, согласно НАТО стандардите.
На брифингот покрај Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, присуствуваа Заменик-началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин, Директорот на Генералштабот, бригаден генерал Орце Јордев, командантот на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски и командантот на Првата пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чиплаковски. На настанот учествуваа и началници на секции од Генералштабот и Командата за операции, директорот на вежбата, директорот на тимот за оценување на вежбата „Блесок 26“ и командантот на 2 пешадиски баталјон.
По завршувањето на активноста, Началникот на Генералштабот го потпиша „Упатството за подготовка и упатување на сили за задача надвор од територијата на Република Северна Македонија“.
На вежбата „Блесок 26“ учествуваат околу 1500 припадници на Армијата, како и монитори од НАТО и тим набљудувачи од Мултинационалните копнени сили (Multinational Land Forces – MLF).








