На 21 мај 2026 година, во касарната „Чеде Филиповски – Даме“ во Кичево, припадниците на Првиот пешадиски баталјон (1.пб), од составот на Првата пешадиска бригада (1.пбр), со воена свеченост го одбележаа 21 Мај – Денот на единицата, ден кога се навршуваат 83 години од формирањето на Кичевско-Мавровскиот партизански одред.
По повод одбележувањето, со пригодни обраќања пред присутните се обратија командантот на 1.пбр, бригаден генерал Дејан Чиплаковски и командантот на 1.пб, потполковник Зоранче Ристовски. Во своите говори тие дадоа осврт на реализираните активности и постигнатите резултати на единицата во изминатиот период, како и на задачите и предизвиците кои претстојат во наредниот период.
Во пресрет на Денот на единицата, во соработка со Црвениот крст и Одделот за трансфузиологија беше реализирана крводарителска акција на која беа собрани 96 единици крв, со што уште еднаш се потврди хуманоста и општествената одговорност на припадниците на баталјонот.
Во рамки на свеченоста, за најдобар вод во единицата беше прогласен извидувачкиот вод од командната чета.
На свеченото одбележување присуствуваа поранешни команданти и пензионирани старешини од составот на единицата, претставници на државни институции, јавни установи и служби, претставници на локалната самоуправа од зоната на одговорност, како и правни и физички лица со кои единицата има соработка.
ГЃ/ДЧ








