Денес, 22.5.2026 година, заврши двонеделниот Курс за држење брифинзи на англиски јазик (КДБАЈ1/26) во просториите на Центарот за странски јазици (ЦСЈ) во касарната „Илинден“, Скопје. На овогодинешниот курс имаше слушатели од различни единици од Армијата и тоа: Команда за обука и доктрини, Баталјон на специјални сили, Баталјон за врски, Воздухопловен ВИНГ и Пешадиска бригада.
КДБАЈ1/26 е специјализиран курс наменет за слушатели кои треба да ги стекнат вештините за држење воени брифинзи на англиски јазик во меѓународна средина. Слушателите имаа можност да ги стекнат и практично применат вештините за планирање, подготовка и давање воени брифинзи на англиски јазик. На овој курс се разработуваат четири вида воени брифинзи – брифинг за информирање, за донесување одлуки, за мисија и за персонал.
Во текот на курсот слушателите одржаа брифинзи од две, три, пет и десет минути, при што ги употребија сите потребни елементи на воените брифинзи и добија соодветни повратни информации. Курсот го одржаа четири професорки од ЦСЈ со долгогодишно искуство во држење настава и со посебна професионална обука наменета за креирање на наставни материјали и специјализирани курсеви.
На крајот од курсот на слушателите им беа доделени сертификати од страна на заменикот на командантот на КОД, полковникот Дарко Стојкоски за успешно завршен курс.








