Македонската Армија, денес, 28 мај 2026 година, на градскиот стадион во Штип, по повод успешното оценување на борбената готовност (CREVAL) на Лесната пешадиска баталјонска група (ЛПБГ), пред граѓаните презентираше дел од воената опрема, возилата и способностите на единиците на Армијата.
На настанот присуствуваа претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, заменик-министерот за одбрана Адмир Шабани, претставници на локалната самоуправа и многубројни посетители.
Во своето обраќање претседателката истакна: „Блесокот беше момент кога Лесната пешадиска баталјонска група покажа дека е компатибилна и компарабилна со сите други слични на неа во рамките на НАТО. Добивме печат за извонредност, за квалитет, а тоа е впрочем доказ дека угледот на Армијата не е случаен кај вас“.
Генералот Лафчиски истакна дека овој ден е со цел да го препознаеме подвигот кој го постигнаа припадниците од ЛПБГ, притоа заблагодарувајќи се на сите кои работеа во нејзината изградба и придонесоа таа да биде основа за модерната македонска Армија.
Во рамки на настанот бројните посетители имаа можност да се запознаат со дел од опремата и вооружувањето на Армијата, вклучувајќи ги: хеликоптерот МИ-8/17, лесните оклопни возила Stryker и JLTV, инженериските средства и опремата за деминирање, АБХО опрема, современо пешадиско вооружување и друго.
Дополнително беа реализирани и повеќе показни вежби, меѓу кои алпинистичка показна вежба, показна вежба со службени кучиња, приказ на боречки вештини и егзерцир.
Во рамките на овој настан своја презентација имаше и Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје, каде посетителите имаа можност да се информираат за образовните и професионалните можности кои ги нуди оваа високообразовна институција.
Оценувањето на НАТО целта на способност ЛПБГ, се изврши во рамките на вежбата „Блесок 26“, која се реализираше во месец април оваа година. Со успешното оценување, ЛПБГ се стекна со статусот „борбено подготвена за извршување на својата мисија“, со што оваа единица ја потврди својата обученост, високата борбена подготвеност и интероперабилност со сојузниците.








