На 16 јуни 2026 година, со воена свеченост во касарната „Јане Сандански“ во Штип, со свечено предавање на военото знаме на баталјонот се изврши примопредавање на должноста командант на Вториот пешадиски баталјон (2.пб) од составот на Првата пешадиска бригада (1.пбр).
Должноста командант на 2.пб од потполковник Зоран Сумрачки ја прими потполковник Ристо Стоев, кој досега беше поставен во Командата за операции (КО).
Командантот на 1.пбр, бригаден генерал Дејан Чиплаковски во својот говор истакна: „Чест е да се биде командант на баталјон во Армијата, но честа да се биде командант на 2.пб е достигнување со додадена вредност и привилегија. Вториот пешадиски баталјон е јадро на Лесната пешадиска баталјонска група, декларирана НАТО единица и е цел на способност од прв приоритет на Армијата, која неодамна и го потврди својот статус „борбено подготвен за извршување на својата мисија“, согласно стандардите за оценување на копнени команди и единици од Здружената команда за операции на НАТО.
Новиот командант, потполковник Ристо Стоев се заблагодари за довербата која му е дадена за оваа одговорна функција и истакна дека ќе продолжи да работи посветено. Неговиот фокус ќе биде на обуката насочена кон одржување на постигнатото ниво со кое се исполнуваат прифатените НАТО цели на способност.
На свеченоста присуствуваа: командантот на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, пензионирани генерали, претставници од Командата за операции, поранешни команданти на единицата, команданти на потчинети единици во 1пбр, градоначалници и претставници на локални самоуправи во зоната на одговорност на единицата, претставници на јавни установи и останати гости.
На денешната свеченост беше прочитана и наредбата за поставување и унапредување на потполковникот Сумрачки во чин полковник, а од персоналот на 2.пб му беше врачен пригоден подарок и плакета со посвета и логото на единицата.
ГЃ/ДЧ








