Во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје денеска се одржа воена свеченост по повод промоцијата во почетен офицерски чин на питомците од 26-тата класа, како и на слушателите на Курсот за стручно оспособување и усовршување за потребите на службите во Армијата.
На свеченоста присуствуваа министерот за одбрана, Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, министерот за спорт, Борко Ристовски, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, претставници од воено-дипломатскиот кор, високи претставници од Министерството за одбрана и Армијата, родители, роднини и пријатели на новопромовираните офицери.
Во чин потпоручник беа промовирани вкупно 36 питомци од 26-тата класа, од кои 29 за потребите на Армијата, а седум питомци од ВС на Црна Гора и Босна и Херцеговина, што уште еднаш ја потврдува успешната регионална соработка во областа на военото образование.
Воедно, во чин поручник беа промовирани и 16 слушатели кои успешно го завршија Курсот за стручно оспособување и усовршување за потребите на службите во Армијата.
Во своето обраќање, министерот Мисајловски истакна дека промоцијата е резултат на четиригодишната посветеност, дисциплина и истрајност на 36-те питомци на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ и на питомецот кој своето школување го заврши на престижната Воена академија „Вест Поинт“ во Соединетите Американски Држави. Тој нагласи дека, покрај стекнатите знаења и вештини, тие изградиле меѓусебна доверба, почит и пријателство – вредности што ќе ги следат во нивната офицерска кариера. Министерот изрази задоволство што офицерскиот кор на Армијата се зајакнува и со 16 нови офицери кои успешно го завршија Курсот за стручно оспособување и усовршување за потребите на службите во Армијата.
Деканот на Воената академија, полковник Ненад Танески, во своето обраќање истакна дека во време на брзи технолошки промени, информатичка револуција, вештачка интелигенција и нови безбедносни предизвици, знаењето, лидерството и способноста за донесување правилни одлуки претставуваат најсилното оружје на современиот офицер. Затоа, развојот на Воената академија, унапредувањето на наставата, научноистражувачката работа, меѓународната соработка и создавањето современи услови за образование не се само потреба, туку и стратешка инвестиција во иднината на Армијата.
Прворангираниот питомец од 26-тата класа, Марија Недева, истакна дека четиригодишното школување на Воената академија, покрај стекнувањето знаења и вештини, им овозможило да се изградат и како лидери. Таа нагласи дека успехот е резултат на тимската работа, дисциплината и посветеноста, додавајќи дека новопромовираните офицери се подготвени одговорно да ги преземат своите должности и професионално да ѝ служат на татковината.
Со денешната промоција, Армијата добива нова генерација офицери подготвени професионално, одговорно и посветено да ги извршуваат задачите во служба на државата, придонесувајќи за развојот на Армијата и зајакнувањето на националната и колективната безбедност.








