По повод 18 Август – Денот на Армијата, во Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата во Скопје, се одржа свечен собир на вработените во Генералштабот и Министерството за одбрана.
Во рамките на свеченоста беа прочитани наредби за унапредување на старешини, а на припадници на Армијата и Министерството за одбрана, како и на организации кои со својот придонес помогнале во развојот на Министерството за одбрана и Армијата, им беа доделени плакети, значки, благодарници и други стимулативни мерки.
Во своето обраќање пред присутните, началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, истакна дека 18 Август е „Денот кога ја славиме воената професија, професија која се темели на чест, дисциплина, одговорност, лојалност, професионализам и патриотизам. Тоа се вредностите по кои секојдневно се препознаваме – вредности кои се во кодот на секој армиски припадник“.
Генералот Лафчиски наведе дека изминатата година беше година на значајни резултати и потврда дека Армијата продолжува да ги развива своите способности и да ги исполнува највисоките национални и НАТО стандарди, истакнувајќи „Зад секој од овие резултати стои многу работа, соработка, координација, планирање, реализација и извршување“.
Во пресрет на роденденот на македонската Армија, министерот Мисајловски упати благодарност до сите вработени и нагласи: „Вашиот труд, вашата посветеност и професионалност која ја покажувате секојдневно ни овозможува да бидеме една од најорганизираните институции во државата. За сите нас, за Македонија, успехот ќе ни биде загарантиран само ако продолжиме посветено да работиме, да продолжиме да функционираме како едно големо семејство кое го обединува заедничка цел: Македонија да продолжи да се развива и да изградиме подобра држава за следните поколенија“.
Мисајловски на вработените им порача дека ќе продолжат да бидат вреднувани затоа што тие се столбот на одбраната. „Кон секој предизвик пристапувавме од исто стојалиште и иста перспектива – се поддржувавме во секој момент и за доброто на секој војник, подофицер, офицер и вработен во одбраната. Носиме одлуки кои ќе нè направат посилни и токму затоа сакам да нагласам дека работиме и на повисоки плати и подобри услови за работа“, рече Мисајловски.
По повод Денот на Армијата, делегација предводена од министерот за одбрана Владо Мисајловски и генералот Лафчиски, заедно со претставници на семејствата на загинатите бранители, положи свежо цвеќе пред споменикот на бранителите од 2001 година пред Министерството за одбрана.
Во текот на денот, делегации од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, Кабинетот на претседателката на Република Северна Македонија, како и други делегации, оддадоа почит на спомен-обележјата на Партизанските гробишта, на гробовите на поранешните претседатели Борис Трајковски и Киро Глигоров, како и на гробот на генерал Михаило Апостолски.
Во рамките на одбележувањето на 18 Август – Денот на Армијата, свечени собири и свечени постројувања се организираа и во останатите команди и единици на Армијата.
Централната свеченост по повод 18 Август – Денот на Армијата ќе се одржи утре, 18 август, во Кампот за обука на вода во Охрид, со присуство на највисоки државни и воени претставници.
Активностите за денешната свеченост завршија со работен состанок помеѓу Министерот Мисајловски и генералот Лафчиски.








