Во период од 7 до 12 септември 2026 година, во Охрид, се одржа 16. Регионален „Футсал Куп за мир 2026“, во организација на Советот за воени спортови при Министерството за одбрана и Армијата. Армијата по трет пат беше домаќин на ова традиционално регионално воено спортско натпреварување, кое се реализира под покровителство на Меѓународниот совет за воени спортови (CISM), а покрај нас учество земаа и Словенија и Босна и Херцеговина.
Турнирот се играше по системот „секој со секој“, а со освоени четири бода и убедлива победа во последниот натпревар, репрезантацијата на Армијата го освои првото место и го подигна победничкиот пехар. Второпласирана беше репрезентацијата на Босна и Херцеговина, додека третото место ѝ припадна на Словенија.
Во рамки на свеченото затворање беа доделени и индивидуалните признанија. За најдобар голман беше прогласен пфв Филип Лазаревски, кој турнирот го заврши со само два примени гола и најголем број успешни интервенции. Признанието за најдобар стрелец му припадна на играч од Босна и Херцеговина со постигнати три гола, додека за најдобар играч беше избран капитенот на репрезентацијата на Словенија.
Организацијата на „Футсал Куп за мир 2026“ уште еднаш ја потврди посветеноста на Министерството за одбрана и Армијата кон развојот на воениот спорт и зајакнувањето на регионалната соработка, пријателството и меѓусебната доверба меѓу армиите од регионот.








